Поцков ја врачи наградата на Елена Брзилова, Првенецот на генерација од СОУ „Ј. Јосифовски“- Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денеска,
присуствуваше на свечената пригода во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија по повод доделување на дипломите на 150 матуранти од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. На оваа пригода, организирана од директорот Тони Аврамов, Поцков и го врачи решението за парична награда во висина од 10.000 денари од Општина Гевгелија на Елена Брзилова, овогодинешниот избраник за Првенец на генерација во учебната 2020/21 година.
На почетокот од свечената пригода, директорот Аврамов ги поздрави професорите, класните раководители и учениците-матуранти со краток говор, во кој истакна:
- Почитувани матуранти,
Со денешниот ден и вие потрошивте една форма од животот, но вашата не се претвори во прав, вие знаевте дека треба да ја промените. Вашата форма е еден период од животот кој ќе остави длабоки траги во вашите сеќавања. Не е важно како на нас ќе се сеќавате, затоа што ние бевме ваши патокази во животот, важно е да не заборавите дека вашата генерација е единствено ваша и секој поминат миг во училишните клупи беше продуциран со креативност и лудории кои само за вас ќе бидат својствени.
За мене, вашата генерација, ќе остане синоним за истрајност и верност на училиштето. Никоја претходна генерација го немала вашето искуство, никоја претходно не се соочила со предизвикот на пандемијата, затоа јавно ви заблагодарувам за упатената сериозност во справувањето со неа и проблемите што ни ги наметна.
Почитувани матуранти,
Денес, ги доделуваме вашите дипломи од постигнатите резултати од четиригодишното школување, секоја ваша досегашна завршена работа значи потврда за нашата заложба, за нашиот успех во збирот од стекнати знаења. Денес, ќе го потенцираме и успехот на најдобриот ученик, но како што кажав, секој е господар на своите постигања и знаења и секој го заслужува подеднакво местото во нашиот буквар.
На крај, од името на вработените од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија ви го честитаме матурирањето, поскаувајќи ви среќа и успех во животот. Ви посакувам да ја изградите вашата иднина онака како што си ја замислувате и посакувате! Ви посакувам среќата, здравјето и успехот на секое поле да станат ваши најверни сојузници! Животот е пред вас и сакам да бидете храбри во одлуките, а внимателни во постапките.
Пред врачувањето на решението за парична награда на Елена Брзилова, градоначалникот Поцков, ги поздрави професорите и матурантите, истакнувајќи:
- Честитки до професоритеи учениците за истрајноста и успешната реализација на наставата за време на пандемијата од КОВИД-19 во сосема за нас нови услови кои ни ги наметна Корона вирусот. Секоја чест и за управата и доброто менаџирање, за навременото решавање на малите проблеми и унапредувањето на образованието на повисоко ниво.
Чест ми е што ја имам можноста да присуствувам на ваков свечен настан, на кој се доделуваат дипломите на матурантите и да ја врачам паричната награда од Општина Гевгелија на Елена Брзилова- Првенец на генерација за учебната 2020/21 година, посакувајќи и успеси во понатамошното образование нејзе и на сите матуранти, без разлика дали ќе продолжат да се школуваат или ќе се вработат.
Кон присутните се обрати и Брзилова, заблагодарувајќи им се на професорите за нивниот труд вложен во учениците од нејзината генерација, да бидат она што се денеска, нивната желба од мали нозе- да влезат во светот на возрасните. Посакувајќи им успех и на сите соученици во исполнување на своите цели.
На крајот од обраќањата, во просториите на Училиштето, класните раководители им ги доделија дипломите на матурантите за завршеното средно образование.