Апели до гевгелиската јавност за заштита од КОВИД-19
Поради секојдневното зголемување на бројот на инфицирани
граѓани од Делта сојот во државата, Директорот на Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р Митко Крџев, упати апел до гевгелиската јавност:
1. Доколку имате симптоми типични за овој сој на Kорона вирусот, јавете се најпрво кај вашиот матичен лекар. Матичниот лекар ќе ви закаже термин за тестирање. Доколку тестот е позитивен, а вашата епидемиолошка слика е од полесен карактер, матичниот ве праќа на домашно лекување и ја следи вашата состојба. Доколку таа се влоши, тогаш матичниот лекар ве упатува на болничко лечење.
2. И покрај тоа што општина Гевгелија е на првото место по бројот на имунизирани граѓани, упатувам апел до сите оние кои се уште не се вакцинирале, тоа да го сторат во најбрз можен рок, затоа што единствено вакцината е таа што може да ве заштити од Kорона вирусот. Секоја вакцина е безбедна и ја намалува шансата од заболување, но и ја спречува тешката форма на болеста и штити од смртен исход.
Смртноста кај невакцинираните е 100%, покажува анализата на Министерството за здравство. Во период од една седмица на територија на државата починале 25 лица со КОВИД-19, ниту еден од нив не бил вакциниран. Со вакцинирањето, не само што го штитите вашето здравје, туку го штитите и здравјето на вашите најблиски и на целата популација во државата. И само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации.
Кон апелите се придружи и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков:
- Иако епидемиолошката состојба во општина Гевгелија се уште е стабилна, активни се два случаи на КОВИД-19 за разлика од другите градови во државата, упатувам апел до граѓаните од општина Гевгелија редовно да носат маски, да држат дистанца и да вршат дезинфекција на рацете, како би се заштитиле од заболување и би го спречиле ширењето на заразата од КОВИД-19. И, покрај тоа што во Гевгелија е имунизирано повеќе од половината население, треба доследно да се почитуваат мерките и пропишаните протоколи од МЗ. Штитејќи се самите себеси, ги штитиме сите околу нас.