Во тек се подготовките за изградба на Западниот булевар во Гевгелија
Деновиве, активно се работи на подготовките за
изградба на Западниот булевар во општина Гевгелија- улицата „Св. Климент Охридски“. Имено, градежната фирма „Еуроинг“ со својата механизација започна со изведбените работи за расчистување на теренот каде ќе се простира Западниот булевар, односно отстранувањето дрвја и чистењето хумус.
- Скоро една деценија се зборува за изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, поточно, продолжување на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Со изградба на оваа значајна сообраќајница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1230 м., предвидено е изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со „Моински пат“ кај Динќут, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Имено, изградбата на Западниот булевар е еден од четирите капитални проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Гевгелија. Во тек се и изведбените работи за изграбда на улицата „Александар Бел“ во станбената населба на Мрзенски Рид, чиј изведувач е градежната фирма „Жикол“. За продолжението на Западниот булевар, за сервисната илица кај Милци и улицата „Александар Бел“ во Општинскиот буџет се обезбедени 37 милиони денари, додека изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“ ќе чини 14 милиони денари. Овие средства се обезбедени од доделените 900.000 евра од Светска банка, кој грант се реализира преку програмата на Министерството за транспорт и врски.