Започна реализацијата на дел од капиталните проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Гевгелија
Со воведувањето во работите на изведувачите
„Жикол“ и „Еуроинг“ започна реализацијата на капиталните проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Гевгелија. Имено, станува збор за веќе започнатите активности за изградба на улиците: продолжението на Западниот булевар - улицата „Св. Климент Охридски“ и „Александар Бел“ во станбената населба на Мрзенски Рид, кај Гевгелија. Во тек се подготвителните работи, односно расчистување на терените. Како што е веќе познато, „Жикол“ работи на ул. „Александар Бел“ додека „Еуроинг“ на ул. „Св. Климент Охридски“, градежни компании кои на тендерската постапка дадоа најповолна понуда.
Изградбата на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија е продолжување на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Со изградба на оваа значајна сообраќајница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1230 м., ќе се изведува долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со „Моински пат“ кај Динќут. Додека, изградбата на ул. „Александар Бел“ на Мрзенски Рид, главната сообраќајница во новата станбена населба, е со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри. Во првата фаза се предвидува изведба на долен строј, одводнување и дел од горен строј на главната улицата и двата крака.
Покрај овие две улици, во капиталните проекти за подобрување на патната инфраструктура во Општина Гевгелија влегуваат и изградбата на сервисната улица до преминот „Богородица“ и изградба на улицата „Методија Андонов Ченто“ од влезот на Мрзенци. Активностите на овие две улици ќе следат по завршувањето на градежните работи на улиците „Св. Климент Охридски“ и „Александар Бел“. Односно, „Жикол“ ќе започне со воведување во работите за изградба на ул. „ Методија Андонов Ченто“ од влезот на Мрзенци, па се до центарот, кај ресторанот „Јавор“. А, „Еуроинг“- новопланираната улица, односно, на стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница. Улицата е со должина од 930 метри и во првата фаза се предвидува изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина. Со изградба на оваа улица ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградената сообраќајна инфраструктура кај „Милци“ и поврзување со автопатот Е75.
За продолжението на Западниот булевар, за сервисната улица кај Милци и улицата „Александар Бел“ во Општинскиот буџет се обезбедени 37 милиони денари, додека изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“ ќе чини 14 милиони денари. Овие средства се обезбедени од доделените 900.000 евра од Светска банка, кој грант се реализира преку програмата на Министерството за транспорт и врски.