Гевгеличани преку филм низ минатото на Гевгелија
Вчеравечер, под отвореното небо, на платото пред
Народниот театар- Гевгелија, со проекциите на документарните филмови: „По долината на реката Вардар“, „Свилен конец“, „Дојранско Езеро“, „Птиците доаѓаат“ и „Со Тито низ Македонија“, младата и повозрасната гевгелиска популација имаа можност да се навратат во минатото на стара Гевгелија. Гледајќи ги на професионално платно горенаведените филмови од националниот филмски фонд на Кинотека на РСМ, на репертоарот за првата вечер од тридневниот културен настан „Гевгелија низ филмот“, во организација на Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Имено, денеска, во склоп на програмата, во Малата сала на Народниот театар, гевгеличанката Марија Џиџева, филмски режисер, одржа работилница на тема „Како да раскажеме приказна од Гевгелија“. Пред присутната публика, односно на учениците, Џиџева им ги откри тајните на нарацијата и можноста да го искористат филмскиот јазик во училишните активности, раскажувајќи филмски приказни. А, потоа, заедно со колегите Александар Трајковски и Тихомир Кашмицовски им зборуваа за процесот на дигитализацијата и реставрација, односно како порано се работеле филмовите и на кој начин се одвиваат постапките во процесот за нивно зачувување.
Вечер, со почеток во 20:00 часот, продолжува проектирањето на филмовите: „Фабрика на витамини“, „Во долината на цветовите“, „Бели штркови“ и „Русалии “.
Организаторите ги повикуваат граѓаните на општина Гевгелија доколку во својата приватна филмска архива поседуваат снимки од стара Гевгелија, семејни прослави и сл., а се работени на супер осмица, истите да ги достават во просториите на Народен театар- Гевгелија, во канцеларијата на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија. Со цел истите да се дигитализираат, со идеја да се направи филмска хроника за растењето на градот и неговите жители.