Општина Гевгелија: Споделени позитивните практики и искуства за подобрување на транспарентноста
Општина Гевгелија, во рамките на Проектот на УСАИД
за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, беше дел од онлајн-работилницата за размена на искуства за активна транспарентност на општините. Имено, на работилницата учествуваа претставници- имплентатори на Проектот, претставници од општинската администрација на 16-те партнер-општини вклучени во Проектот, како и градоначалниците, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски. Како и претставник од Центарот за граѓански комуникации, г-дин Герман Филков, кој опсежно зборуваше на темата како општините да ја подобрат транспарентноста.
Општина Гевгелија, како институција со висок индекс на транспарентност од 85,7% согласно резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за активна транспарентност, ја имаше честа пред присутните да ги сподели позитивните искуства за услугите и заложбите на темата. За таа цел, пред учесниците од страна на вработениот во Општина Гевгелија, Петар Јанчев, помлад соработник за соработка со корисници на јавни услуги, имаше излагање објаснувајќи го целиот процес во работењето на локалната самоуправа како сервис на граѓаните- од регулирање акти до конкретни преземени активности за транспарентност и отчетност, презентирајќи ја официјалната веб-страна на општината. Притоа, претставувајќи го тимот кој работи на унапредувањето на транспарентноста, односно граѓаните да бидат навремено запознаени со сите информации од јавен карактер и истите да им бидат достапни во секое време, опишувајќи ги начинот на комуникација и соработка со сите вработени во општината и споделувајќи ги понатамошните политики и спроведување активности за достигнување 100-процентен индекс на активна транспарентност.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, ја поздрави ваквата работилница и се заблагодари за поканата да се биде дел од оваа работилница, истанувајќи дека е горд што токму Општина Гевгелија ја имаше можноста да ги сподели практиките и искуствата што се однесуваат на подобрувањето на транспарентноста со останатите општини. Искажувајќи го задоволството што општинската администрација доследно, тимски и колегијално ја врши својата работа и ја оправдува довербата кај граѓаните. За што зборува фактот дека Општина Гевгелија е оценета со многу добра транспарентност. На прашањето од страна на фасцилитаторката во што е тајната за успехот во работењето на локалната самоуправа, Поцков истакна дека токму мотивираноста, хармонијата и доброто менаџирање се алатките за добро функционирање.