Прогласено најдоброто слатко на „Смоквијада 2021“
Во Народниот театар-Гевгелија, вчера се одржа
завршната манифестација на „Смоквијада 2021 година“ со прогласувањето на победниците- најдобрите екипи кои поради КОВИД- пандемијата го подготвија во домашни услови слаткото од смокви. По донесената одлука на жири-комисијата, следејќи го целиот процес од подготовка до финален производ во два дена, првото место го освои парот Милена Кнежевиќ и Љубица Ангова Аврамова; 2 место го делат паровите Ѓурѓица и Милена Прочкови и Сашко и Светлана Михајловски, а 3 место Томе и Ангела Перунковски и Доца и Сашка Јованови.
На завршната манифестација присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој имаше свое обраќање, во кое истакна:
- Општина Гевгелија расте со традиционалната манифестација „Смоквијада“. Пандемијата веќе две години по ред не го спречи ширењето на прекрасниот мирис од подготвувањето слатко од смокви. Честитки до организаторите за прославувањето 15- годишен јубилеј и што изнајдоа начин граѓаните да не изостанат од одржувањето на овој културен бренд на градот. Иако, на поразличен начин од претходните години!
Честитки и до сите учесници и победниците на „Смоквијада 2021“!
Имено, на овогодинешната „Смоквијада“ беа пријавени 10 екипи, составени од по 2 учесника. Традиционалната 15 по ред „Смоквијада“ е финансиски поддржана од Општина Гевгелија, на листата со одобрени проекти и манифестации во Програмата од областа на културата за 2021 година.