БЕСПЛАТНО МИКРОЧИПИРАЊЕ НА ДОМАШНИТЕ МИЛЕНИЧИЊА И ВО ГЕВГЕЛИЈА
Граѓаните од подрачјето на општина Гевгелија, своето милениче ќе може да го микрочипираат
Граѓаните од подрачјето на општина Гевгелија, своето милениче ќе може да го микрочипираат во ветеринарното друштво Проданов Ѓорги (тел бр. 070-782-369), а граѓаните од соседната општина Богданци, тоа може да го сторат во ветеринарните друштва Др. Ичков (070 320-437) и Анри вет во Стојаково (070-320-438). Тие ќе извршат бесплатна апликација на микрочиповите кај домашните миленици и ќе ги внесат податоците во информативниот систем на Агенцијата. Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за издавање на пасош за домашен миленик што ќе можат да го употребат при патување надвор од државата.
Сопствениците треба да ја искористат оваа ретка шанса да можат бесплатно да ја исполнат својата обврска, што им ја овозможуваат Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со ветеринарната комора на Република Македонија и ветеринарните друштва, и до 31 март да ги донесат своите домашни миленици за да се спроведе постапката за идентификација и регистрација. Тоа е безболна процедура која не носи никакви ризици по здравјето на миленикот. Микрочипот е со големина на зрно ориз, направен е од бикомпатибилен материјал и не создава никакви реакции при апликацијата.
Граѓаните кои нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Проверка дали некое домашно милениче е чипирано или не, ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој е сопственикот на миленичето, ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици, а според проценките на Агенцијата ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници.