Подобрени условите во детските градинки
За подобрување на условите за престој на децата
во Детските градинки во општина Гевгелија беа вложени 15 милиони денари од заштедени средства од блок донациите, но и од средства обезбедени од Општина Гевгелија. Во прв ред за реконструкција и подобрување на електро-инсталационата мрежа во Централната градинка „Детска радост“ во Гевгелија. Исто така, беше извршена замена на мебелот во сите занимални во Градинката „Цветови“, а беа набавени нови гардеробери во Градинките „Детска радост“ и „Цветови“.
Во Централната детска градинка во Гевгелија и во Детската градинка во Негорци беше извршена целосна замена на столаријата. Се реновираа тоалетите во ЈОУДГ „Детска радост“, како и во клоновите „Сончогледи“ и Цветови. За одбележување е што во сите детски градинки извршена е замена на дотраениот и оштетен под со ламинат, на површина од 2.660 метри квадратни, што не е направено од отворањето на првата градинка во 1961 година. Покрај ова извршено е климатизирање на сите простории во детските градинки.
Во изминатиот период, покрај отворањето на новaта Детска градинка „Развигорче“ во Прдејци“, беше прифатена иницијативата на граѓаните во Негорци и Миравци за отворање на детски јасли. За таа цел, во новоотворениот оддел за јасли во Градинката во Миравци беа набавени креветчиња. Сите овие активности се реализираа во периодот кога последиците од пандемијата со КОВИД-19 не ги заобиколија и детските градинки, напротив, предизвикаа големи штети на процесот на згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст.