Финишира попишувањето во Пописен реон бр. 11 (Гевгелија и Дојран)
На седум дена пред истекот на законскиот рок за
спроведување на Пописот на населението, становите и домаќинствата, финишира попишувањето во нашиот Пописен реон број 11. Според сите информации од терен, попишувањето на подрачјето на општините Гевгелија и Дојран се одвива нормално и според утврдената динамика. До денес, попишани се 90% од граѓаните, домаќинствата и становите на подрачјето на Општина Гевгелија, а нешто над 80% на подрачјето на Општина Дојран. Досега, не се забележани никакви проблеми и потешкотии во попишувањето. Граѓаните во континуитет од 5 септември до денес изразуваат интерес за попишување и соработуваат со попишувачите.
Дека постои високо ниво на општествена одговорност кај граѓаните во однос на Пописот, потврдува и фактот што од 5-ти септември до денес преку Комисијата на Пописниот реон 11, над 70 семејства или индивидуални лица најавиле дека втората половина на септември ќе бидат отсутни од Гевгелија и побарале попишувачот да ги посети пред да заминат на одреден период. На ваквите барања им е излезено во пресрет и барателите се попишани. Има примери и ситуации кога Пописот не е направен при првата посета на одредено домаќинство, меѓутоа, значајно е дека се работи за повозрасни лица кои изразиле желба пописот да се изврши во присуство на некој од помладите членови на семејството.
Инаку, во оваа фаза од Пописот нa подрачјето на нашиот Пописен реон веќе се поделени сите Пописни кругови што значи дека нема ниедно маало во градот и населените места каде Пописот мирува. Напротив, се очекува претстојниот викенд засилен интензитет за да може од понеделник до четврток, 30 септември кога истекува законскиот рок за спроведување Пописот, времето да биде искористено за попишување на граѓаните / семејствата кои за време на првата посета од страна на попишувачот од одредени причини не биле во можност да бидат попишани.