Заштитата на Вардар заедничка грижа на пограничните општини
Во Поликастро денес се одржа завршна конференција на
проектот „Одржливо управување на водните ресурси во прекуграничниот регион”- АКВА-М II“, реализиран со финансиска поддршка од ИПА- ППС со Грција. Лидер партнер на проектот беше општина Гевгелија, партнер од македонска страна - ЈПКД „Комуналец“ од Гевгелија, додека од грчка страна партнери беа Универзитетот „Аристотелу“- Оддел за хемија во Солун и општинските водостопански претпријатија во Пеонија и во Халкидона. Едногласна беше оценката на партнерите дека заштитата на реката Вардар е заедничка грижа на пограничните општини.
- Се радувам што и покрај пандемијата можеме да ги видиме резултатите од реализираниот проект за заштита на водените ресурси во пограничниот регион. Тоа всушност ја потврдува оправданоста од еден ваков проект, кој ни овозможи на општините од едната и другата страна на границата да дадат конкретен придонес во заштитата на водите на реката Вардар, која не само што минува низ нашите териотрии, туку и не спојува. Направените истражувања, како резултат на новонабавената опрема, како во Универзитетот „Аристотелу“, така и во јавните комунални претпријатија во Поликастро, Халкидона и Пеонија, ни овозможија непосредно да се вклучиме во заштитата на овој значаен воден ресурс во пограничниот регион. Што е уште позначајно, ни овозможи да ја продолжиме прекуграничната соработка и да ја насочиме кон едно многу важно прашање, рече градоначалникот на Пеонија Сионидис Константинос, посакувајќи им добредојде на гостите.
- Проектот АКВА-М 2 влегува во завршна фаза, и сакам да ви се заблагодарам за успешната соработка во изминатите три и пол години откако започна имплементацијата на проектот. Среќен сум што ние заедно во овој прекуграничен регион – Гевгелија, Пеонија и Халкидона покажавме дека со успешна соработка и заедничко залагање можеме да придонесеме во заштитата на животната средина и одржливото управување со водните ресурси. Се надевам и длабоко сум убеден дека завршените активности во рамките на проектот ќе придонесат за позитивно влијание на животната средина, а воедно ќе претставуваат пример за идни слични еколошки проекти и идна соработка. Општина Гевгелија успешно ја заврши својата главна активност, а тоа е регулација на дел од коритото на Сува река, како единствена инфраструктурна активност во овој проект, со што започна решавањето на еден долгогодишен проблем поради излевање на реката по поројните дождови. Се надевам дека и останатите активности, кои беа завршени од од страна на нашите партнери во проектот, ја постигнаа главната цел - континуирано следење на управувањето со квалитетот на водата во реката Вардар, преку примена на заеднички системи за мониторинг и управување, рече во своето видео обраќање градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Досегашните мерења на квалитетот на водата во реката Вардар од страна на лабораторијата на Одделот за хемија при Универзитетот „Аристотелу“ покажуваат присуство на тешки метали, пестициди и инсектициди, пред се, од прскањата против комарци, како и медикаменти. За среќа, првичните анализи покажуваат дека констатираните загадувања не ги надминуваат европските стандарди, истакна раководителот на лабораторијата при Универзитетот „Аристотелу“ Димитра Ламбропупу, нагласувајќи дека за грчкиот дел од реката Вардар посебно е карактеристична концентрацијата на медикаменти, а на наша страна има зголемено присуство на тешки метали и пестициди. Но, примероците на реката Вардар од оваа страна на границата, доставени од ЈПКД „Комуналец“, допрва ќе се анализираат. Во рамки проектот ЈПКД „Комуналец“ набави најсовремена лаборториска опрема за мерење на квалитетот на водата во реката Вардар, во вредност од 123.807 евра.