Непочитување на одлуката за изборно плакетирање од страна на одделни организатори на предизборната кампања
Последниве денови, на неколку јавни објекти во Гевгелија
осамнаа графити со бројот 7 и името на еден од кандидатите за Градоначалник на општина Гевгелија. Ваквата појава е спротивна на Одлуката на Советот на Општина Гевгелија за истакнување на изборни плакати според која организаторите на предизборната кампања можат да истакнуваат плакати на бетонската ограда на Градскиот стадион, на источната страна од старото Градско пазариште, бетонските столбови на натпатникот на влезот во Гевгелија и бетонскиот потпорен ѕид во центарот на Миравци. Исто така, организаторите на предизборната кампања можат да постават и паноа на градското шеталиште помеѓу жардинериите обележани со истите редни броеви.
На 23 септември, 2021 година, во Општина Гевгелија беше извршено ждребување за утврдување на местата на кои ќе бидат истакнати изборни плакати како дел од кампањата пред Локалните избори 2021 година. На ждребувањето, општинската комисија, со присуство на овластените претставници од политичките партии, ги утврди местата за истакнување изборни плакати, а организаторите на предизбрната кампања се обврзаа да ја почитуваат одлуката и ждребувањето.
Меѓутоа, очигледно е дека некои од организатори на предизборната кампања не ги почитуваат изборните правила, како и Одлуката на Советот на Општина Гевгелија. Иако, сите кандидати за градоначалник на Општина Гевгелија, во присуство на Општинската изборна комисија, на 24 септември 2021 година потпишаа Кодекс за фер и демократски избори .Со потпишувањето, кандидатите за Градоначалник на општина Гевгелија се обврзаа да го почитуваат законот, за фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата.
Затоа, Општина Гевгелија апелира до организаторите и учесниците во предизборната капмпања доследно да ги почитуваат одлуките на извршните органи на локалната самоуправа и другите документи, со кои се обврзаа на достоинствена и фер предизборна кампања и избори.