52 социјални станови ќе бидат готови до април, идната година
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна посета
на општина Гевгелија, каде изврши увид во реализација на инфраструктурни проекти што се градат во општината со поддршка на централната власт. Тој заедно со директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, извршија увид во изградбата на социјалната зграда, каде што 70% од градежните работи се веќе завршени.
„Се грижиме за најранливите категории на граѓани. Тука сме денес на увид во изградбата на социјалната зграда, која убеден сум дека ќе го реши станбеното прашање на 52 социјално-ранливи семејства во Гевгелија. Вложуваме 79 милиони денари за изградба на овие станови, очекувам до април 2022 година зградата да биде завршена и да ги прими своите први станари“– изјави за медиумите министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Преку проектот за Поврзување на локални патишта, во населеното место Мрзенци моментално ја реконструираме улицата „Методија Андонов Ченто“, значаен проект за локалните жители каде инвестираме речиси 10 милиони денари. Дополнително, сакам да најавам дека во тек е подготовка на тендерска документација за реконструкција на водоводни и канализациони линии во општина Гевгелија, инвестиција вредна повеќе од 138 милиони денари. Наш приоритет се граѓаните и фокус ставаме токму на нив и на нивните потреби. Секој еден граѓанин ни е важен и така ќе продолжиме и понатаму.“ - истакна министерот Бочварски.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски истакна дека во моментот се градат преку 700 социјални станови во државата.
„Очекувам во текот на наредната година, овој објект да го предадеме на Министерството за транспорт и врски и да започне постапката за распределба на сите овие станови кои се потребни на нашите граѓани од социјално-загрозена категорија. Она што можам да го потенцирам е дека Владата на Република Северна Македонија, заедно со Министерството за транспорт и врски, останува силно посветена на решавањето на проблемите на граѓаните и изградба на сите оние станбени единици кои се предвидени во иднина. Сакам да најавам дека во следниот период АД за стопанисување со станбен и деловен простор ќе се фокусира и на изградба на комерцијални станбени згради со што ќе понудиме нови станови со поволни цени на пазарот.“- изјави Трајковски.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за транспорт и врски и АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
„Бенефитите од оваа соработка се веќе видливи бидејќи веќе наредната година 52 социјално-загрозени семејства ќе добијат покрив над главата. Граѓаните на Мрзенци ќе добијат модерна сообраќајница во населеното место, чија изведба веќе е во тек. За доделениот грант од Светска банка преку Министерството за транспорт и врски аплицираме со уште два проекти за подобрување на патната инфраструктура. Реализацијата на овие нови сообраќајници во Гевгелија ќе уследи во наредните четири години, рече Поцков.
Инвеститор на социјалните станови во Гевгелија е АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а изведувач на градежните работи е ДПТУГУ „Атриум“ ДОО узов-извоз Вевчани.