Првата улична трка "November Run 2021" ја впиша Гевгелија на атлетската мапа
Во Гевгелија, на Денот на ослободувањето-7 Ноември,
се одржа првиот атлетски маратон „Ноемвриска трка 2021“ која мина во одлична организација од страна на АК „7-Ми Ноември“. На оваа досега најмасовна маратонската трка во регионот, која треба да прерасне во традиционална, се одржаа вкупно три трки. На 10 километри, трка која се бодуваше за државното првенство, учествуваа 389 натпреварувачи. Во машка конкуренција победи еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој постави нов државен рекод, втор беше Димитар Петровски, а третото место му припадна на Тиран Мамуши од Косово. Тодор Анчев, од АК 7-ми Ноември беше 16-ти. Во женска конкуренција најбрза беше Андријана Поп Арсова, втора Биљана Кираџиевска а трета Миљанка Ристиќ. Александра Крајчева од АК „7-ми Ноември го зазеде 42-то место.
На рекреативната трка на 5 километри, на која учествуваат вкупно 250 натпреварувачи во машка и во женска конкуренција, кај мажите првите три места ги освоија Стојче Петровски, Атанас Епов од АК 7-ми Ноември, и Мики Попоски. Од екипата на 7-ми Ноември на 6 место се пласираше Стојан Делев, а 9-ти беше Ристо Чалков. Кај жените најбрзи беа Весна Кираџиева, Анастасија Ристова и Тамара Попов. Од екипата на 7-ми Ноември најдобро пласирани беа Цеца Србова на 4-то и Кристина Узунова на 7-то место. Се одржа, за прв пат и трка на домашни миленичиња.
Прогласувањето на победниците, како и почетокот на трката, беше збогатено со придружна музичка програма во која настапија Виктор Петков Викса, како и групата „Chill Out“ и Пере од „Нокаут“. Сето тоа придонесе на Денот на ослободувањето, Гевгелија да претставува вистинска атлетска престолнина во земјата. За ваквата успешност, покрај масовното учество на атлетичарите од земјата и соседството, придонесе и организаторот, заедно со полицијата, со Противпожарната служба, екипата на Брзата помош, волонтерите на Црвениот крст и службата за обезбедување, трката да мине во најдобар ред и најдобра сигурност.