Д-р Патрик Матх избран за Претседател на Советот на Општина Гевгелија
На почетокот од втората седница на Советот на Општина Гевгелија,
со која претседаваше најстариот советник д-р Петар Апостолов, градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов им честита на новозибраните советници за изборот и посака успешна и плодна соработка. Од моја страна ќе настојувам и ќе се залагам за целосна транспарентност во работата, очетност и решавање на виталните прашања од интерес за граѓаните. Затоа, сите предлози сугестии од советниците се добредојдени и ќе помогнат нашата заедничка соработка да даде конкретни резултати, нагласи Сарамандов.
Пред почетокот со работа на седницата, советничката Билјана Демерџиева од СДСМ побара увид во свечените изјави што советниците ги потпишаа на првата седница, по верификацијата на мандатот, поради фејсбук објава дека еден советник за разлика од другите 18, потпишал изјава, но не со уставното име на земјата. Од страна на советникот од Левица Саше Јанчев беше потврдено дека свечената изјава ја потпишал со Република Македонија, но, претставникот на општинската администрација, согласно Статутот на Општина Гевгелија, информираше дека мандатот на сите советници е верифициран со усвојувањето на извештајот на Комисијата за верификација, така што секој советник има право да учествува на седница и во расправата и да гласа, а потпишаната изјава е негово лично произнесување.
По првата точка од дневниот ред, членот на Советот на Општина Гевгелија Сашко Стојиловски, во име на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кандидат за претседател на Советот на Општината го предложи д-р Патрик Матх. По пат на јавно гласање, 11 членови на Советот го подржаа предлогот и д-р Патрик Матх, лекар специјалист по интерна медицина, беше избран за претседател на Советот на Општина Гевгелија. Новоизбраниот претседател се заблагодари на довербата и изрази надеж дека заеднички и со добра соработка и залагање на сите советници, Советот на Општината ќе придонесе за интересите на граѓаните.