Градоначалникот Сарамандов ги прими организаторите на првата улична трка "November Run" во Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов денеска
ги прими организаторите и членовите на АК „7-Ми Ноември“, предводени од претседателот Игор Коцевски, кои за општинскиот празник 7-Ми Ноември ја организираа првата улична трка „Ноемвриска трка 2021“.
Во срдечен разговор, членовите на клубот го запознаа градоначалникот со подготовките и реализацијата на оваа трка, која привлече големо внимание во македонската јавност. На трките на 5 и 10 километри, учество зедоа 600 тркачи, претежно од Македонија, но имаше гости и од Грција, Србија и Косово. На 10 километри, трка која се бодуваше за државното првенство во машка конкуренција победи еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој постави нов државен рекод. Тие се надеваат дека оваа трка, со подршка на Општина Гевгелија, ќе прерасне во традиционална манифестација како една од најатрактивните македонски спортски манифестации. Притоа, најавија за следната година, трката да трае два дена и да биде проширена со трка на деца и на домашни миленичиња-кучиња.
Градоначалникот Андон Сарамандов изрази задоволство од организацијата и успешноста на трката, оддавајќи им признание на организаторите, што се потрудија Гевгелија два дена да живее со оваа трка. Што е уште позначајно привлече голем број на учесници од цела Македонија, но и гости, кои имаа можност не само да трчаат, туку и да се запознаат со природните и гастро убавините на најјужниот град во државата. Очекувам оваа трка да стане иден бренд на Гевгелија, истакна Сарамандов.
На крајот, организаторите, на градоначалникот Сарамандов му врачија тркачки дрес и пригоден медал и ветија дека веќе од јануари 2022 година ќе започнат со подготовките за „Ноемвриската трка 2022“