Започна асфалтирањето на новата сервисна улица кај Милци
Започна асфалтирањето на новата сервисна улица кај Милци,
која ќе обезбеди алтернативно поврзување на Гевгелијa со граничниот премин „Богородица“. Станува збор за стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница, во должина од 930 метри. Со целосната реализација на овој проект ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградената сообраќајна инфраструктура кај „Милци“ и поврзување со автопатот Е75, со што Гевгелија ќе добие нов излез на автопатот.
- Целосната реализација на проектот е од приоритетно значење, бидејќи со тоа се заокружува сообраќајната инфраструктура во непосредна близина на граничниот премин „Богородица“. Поради интересот на инвеститорите за реализација на своите проекти и местоположбата како пограничен појас во овој дел, овој проект ќе биде од големо значење и со особен приоритет. Покрај меѓународната автопатна делница, која до сега беше единствената врска на градот, Гевгелија ќе добие дополнителна, алтернативна сообраќајна врска со граничниот премин „Богородица“ преку стариот автопат којшто беше затворен, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, при увидот за асфалтирање на сервисната улица кај Милци.
Изградбата на сервисната улица кај Милци се реализира со средства од Буџетот на Општина Гевгелија, а ја изведува градежната фирма „Еуроинг“.