Донесени повеќе одлуки и решенија на 3 седница на Советот на Општина Гевгелија
Советот на својата 3 седница расправаше по повеќе точки на дневен ред,
донесувајќи повеќе одлуки и решенија. Имено, новиот советнички состав, под претседателство на д-р Патрик Матх, по утврдувањето на дневниот ред, премина на работа по сите 34 предложени точки. Дополнително, Советот го прифати предлогот на Градоначалникот на општина Гевгелија за информирање во врска со снабдувањето со електрична енергија во општина Гевгелија.
Советот на Општина Гевгелија со мнозинство гласови го усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година. Исто така, членовите на Советот ги усвоија и двете Буџетски Нацрт-програми за 2022 година - за уредување на градежно земјиште и за реконструкција, изградба и изведба на општински улици и патишта. Нацрт-Програмата за уредување на градежно земјиште утврдена на 61.200.000 денари за реализација на нови проекти, како и за се она што е во фаза на реализација. Додека, Нацрт-Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици е утврдена на 23.600.000 денари, исто така за реализација на нови проекти и проекти во фаза на реализација.
На предлог на Комисијата за прашања на избори и именувања на Советот на Општина Гевгелија, Советот на Општина Гевгелија ја формираше Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2022 година. За претседател на Комисијата беше избран: Ѓорге Попов, а за членови: Слаѓана Стаменковска, Надица Ристовски, Александар Пандовски и Сашко Јанчев.
Членовите на Советот ја усвоија ЛОД методологијата- група документи и алатки за транспарентно финансирање на проекти на Граѓански организации во рамките на Регионалната програма за локална демократија 2 (ReLOaD2)- УНДП. Од страна на преставничката од УНДП- проектен координатор на Програмата, Билјана Георгиевска накратко беше презентиран проектот, како и ЛОД методологијата за Општина Гевгелија која заедно со 7 општини го имплементираат проектот кој има за цел да ја јакне партиципативната демократија и процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ преку јакнење на граѓанското општество и младите за активно учество во носењето одлуки и преку стимулирање на поволно законско и финансиско опкружување за граѓанското општество. Групата документи и алатките се со цел Општината на транспарентен начин да ги кофинансира граѓанските организации преку проекти, за кој ќе биде објавен конкурс во јануари, следната година.
На дневен ред, на денешната седница, беше и Финансискиот извештај за работењето на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за периодот 1 јануари - 30 септември, 2021 година, кој по опстојната расправа не беше прифатен од мнозинството советници.
Членовите на Советот расправаа и за разрешување на старите и именување нови членови во Училишните одбори во училиштата, Управните одбори на културните институции, како и за разрешување на старите и именување нови членови во Управните и Надзорните одбори во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија. Третата седница на Советот на Општина Гевгелија заврши со расправата по информацијата во врска со снабдувањето на електрична енергија.