Усвоен Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница го усвои
Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година. Според Нацрт-документот, вкупниот Буџет на Општина Гевгелија за идната година е проектиран на 459.635.291 денар, а Основниот буџет на 214.802.359 денари. Покрај приходите на Основниот буџет, во структурата на Вкупниот буџет се приходите на дотации во износ од 226.832.932 денари, на донации од 4.000.000 денари и на приходите на самофинансирачките активности во износ од 14.000.000 денари. За капитални расходи во Основниот буџет се предвидени 69.650.000 денари или 32,43%.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, вака утврдениот Нацрт-буџет на Општина Гевгелија ја има развојната компонента. Истакнувајќи дека во Нацрт-Буџетот за наредната година се зголемени средствата во програмите за спорт и рекреација, како и за развој на туризмот во општината. Односно, предвидени се средства за изготвување проектна документација и за реконструкција на ДТВ „Партизан“, кој објект е од посебно значење за општината. Исто така, се предвидени средства за создавање на услови за поголема искористеност на компаративните предности на поднебјето и потенцијални капацитети и ресурси за развој на алтернативниот туризам.
Во расправата по Нацрт-буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, учествуваа повеќе членови на Советот на Општината, давајќи конкретни предлози, забелешки и идеи за дополнување на Нацрт-Буџетот, кои ќе бидат од корист на граѓаните. Притоа, беше договорено изнесените предлози да бидат поднесени во вид на амандмани за разгледување и вметнување во Предлог-Буџетот, кој ќе биде разгледуван на наредната седница.
По усвојувањето, Нацрт-Буџетот ќе биде даден на јавна расправа, така што наредните дваесеттина дена, граѓаните по електронски пат и во непосредни средби во Месните заедници и на јавни трибини, ќе можат да дадат предлози, сугестии и забелешки. На тој начин тие ќе се вклучат во дефинирањето на финансиската политика на општината во наредната година. По јавната расправа, се очекува Предлог-Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, пред крајот на годината, повторно да се најде пред советниците за конечно усвојување.