Од октомври, Општина Гевгелија плаќа шесткратно поскапа цена за електрична енергија за уличното осветлување
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
на 3 седница, го информираше на Советот на Општина за новонастанатата ситуација со снабдувањето со електрична енергија и активностите кои локалната самоуправа ги презема за справување со економската криза. Истакна дека биле направени средби со повеќе компании кои работат на проблематиката за јавно осветлување, биле посетени Општина Кавадарци и Општина Штип, каде било разговарано за тоа што се можат Општините да направат во однос на овој процес.
- Заклучокот е дека, во моментот, излез од новонастанатата ситуација со енергетската криза е воведување рестриктивни мерки и правење напори за што побрза замена на постоечките натриумови сијалици за јавно осветлување со нови лед-сијалици, истакна градоначалникот Сарамандов.
Имено, снабдувачот со електрична енергија „У ПОВЕР ДОО експорт-импорт“- Скопје го раскинал еднострано договорот со Општина Гевгелија во септември. Во новонастанатата ситуација, Општина Гевгелија премина на снабдување со електрична енергија во краен случај, согласно Законот за енергетика, со тоа што склучи договор со ЕВН Хоме Доо.
Во текот на октомври, беше започната нова тендерска постапка за јавна набавка, на која беше понудена само една понуда, но истата е одбиена поради високата цена за kWh. Во периодот од 1 октомври до склучувањето на нов договор за снабдување со електрична енергија, се додека не бидат добиени други насоки од РКЕ, во Општина Гевгелија е надмината опасноста од останување без снабдување со електрична енергија. Доколку, продолжи договорот за снабдување во краен случај, цените сигурно ќе бидат повисоки. Во меѓувреме, беа известени сите надлежни институции.
- Ќе работиме на тоа Општина Гевгелија да го изменаџира целиот овој процес на справување со енергетската криза, на начин кој ќе предизвика најмалку штета, истакна Сарамандов.