Изградба на нови улици во скоро сите населени места
Со Нацрт-Програмата за изградба, реконструкција, ревитализација
и одржување на општински патишта и улици во Општина Гевгелија во 2022 година, која заедно со Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија се наоѓа на јавна расправа, предвидена е изградба на повеќе нови улици во целата општина. Покрај изградбата на новата сообраќајница кај Милци, од мотелот „Вардар“ до граничниот премин „Богородица“, и улицата „Александар Бел“ кои се во тек, во Гевгелија предвидена е изградба на нови сообраќајници во Урбаните блокови 4,5,6,7,9,14 и 15. Притоа, треба да се има предвид дека Општина Гевгелија веќе има аплицирано до Министерството за транспорт и врски за изградба на Јужната улица, долж Сува Река, од поранешната Касарна до Железничкиот мост, како и новата улица крај Детската градинка „Сончогледи“.
Меѓутоа, со Нацрт-Програмата за изградба, реконструкција, ревитализација и одржување на општински патишта и улици во идната година предвидена е изградба на нови улици во повеќе населени места – во Негорци, Миравци, Богородица, Мрзенци, Давидово, влезната улица во Конско и улицата од училиштето до центарот на Кованец. Исто така, предвидена е и реконструкција на повеќе улици во населените места, како и изградба на помали улични краци во руралните средини. Инаку, во наредната година се очекува и изградба на последната делница од патот за Ума, кој проект во финалната еваулација на апликацијата на Југоисточниот плански регион до Бирото за регионален развој доби највисоки оценки.