Подобрување на комуналната инфраструктура
Општина Гевгелија во текот на наредната недела дел од
буџетските средства ќе намени за подобрување на комуналната инфраструктура. Во Нацрт-Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Гевгелија во 2022 година, која е на јавна расправа, се предвидени повеќе активности и проекти за изградба и реконструкција на нови водоводни и канализациони линии. Покрај изградбата на нови водоводни линии до Прдејци, Негорци и Богородица и Граничниот премин со германскиот грант, од сопствени средства предвидена е изградба на нови водоводни линии во неколку урбанистички блокови во Гевгелија. Исто така, се планира реконструкција на водоводните линии во Кованец, Габрово и Давидово.
Скоро половина од Гевгелија, поточно, јужниот дел од градот, од поранешна Касарна до железничката пруга, ќе биде раскопан, поради сепарацијата на постојната канализациона мрежа и изградба на нова атмосферска канализација. И овој проект ќе се реализира од германскиот грант за што веќе е потпишан договор со изведувачот. Покрај тоа, со сопствени средства се планира изградба на фекална канализација во Милетково, Смоквица и Ново Конско, како и довршување на фекалната канализација во Негорци, Богородица, Миравци и во другите населени места. Еден од приоритетните проекти во Нацрт-Програмата за уредување на градежно земјиште е и изградбата на Прoчистителната станица за отпадни води за Негорци, Негорски Бањи, Прдејци и индустриските зони „Блокотехна“ и „Прдејци“. Станува збор за пообемен проект, за чија реализација ќе се бараат и дополнителни средства од страна на министерствата и другите институции.