Центарот на Гевгелија во новогодишно руво
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, центарот на
градот е новогодишно украсен. И покрај енергетската криза, и оваа година гевгеличани не изостануваат од градското новогодишно украсување. На шеталиштето поставени се две новогодишни елки, новогодишни светилки по канделабрите и светлечки новогодишни симболи. Поради потребата од заштеда на средства, од Општинскиот буџет годинава не се користени дополнителни средства, вели градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Но, и покрај тоа на граѓаните не им е ускратено задоволството да го почувствуваат новогодишниот амбиент со новогодишните украси, со кои располага Општината.
Годинава, Општина Гевгелија, за прв пат, организира новогодишна прослава на Градскиот плоштад со локални извведувачи. Граѓаните на Општина Гевгелија ќе можат заеднички да ја дочекат Новата 2022 година, во пријатен амбиент со музика за сечиј вкус, а во изведба на веќе афирмирани постари и помлади гевгелиски музичари. Притоа, ќе се води сметка и за протоколите за заштита од КОВИД-19.
На новогодишната прослава, насловена: „Гевгелија заедно во Новата година“, ќе настапат: дуото Борис Ќаев и Мартин Костадинов, Оливера Станковска, „Лајф бенд“, „Фрка бенд“, Дејан Малзарков, „Панта реи“ и DJ Mad Kid.
Новогодишниот дочек започнува во 20:00 часот.