Усвоен Буџетот на Општина Гевгелија, проектиран на 468,5 милиони денари
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница го усвои
Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година. Вкупниот Буџет на Општина Гевгелија за идната година е проектиран на 468.526.016 денари, а Основниот буџет на 214.802.359 денари. Покрај приходите на Основниот буџет, во структурата на Вкупниот буџет се приходите на дотации во износ од 226.832.932 денари, на донации од 7.460.161 денар и на приходите на самофинансирачките активности во износ од 19.430.564 денари. За капитални расходи во Основниот буџет се предвидени 66.842.663 денари или 31.13%.
Ваквата буџетска рамка ја доби поддршката од 18 советника, а само еден беше воздржан. Во обемната расправа, од страна на советничките групи, кои партиципираат во Советот на Општина Гевгелија беа поднесени 5 амандмана, а беа прифатени 2 амандмана од страна на Градоначалникот и потврдени од мнозинството членови на Советот на Општината. Станува збор за амандманите за обезбедување буџетски средства за стипендирање на студенти во прва година на Електротехничкиот и на Машинскиот факултет, како и за субвенционирање при купувањето на велосипеди. Притоа, беше нагласено дека и двата предлога, по доработката, како конкретни одлуки ќе се најдат на дневен ред на Советот веќе на наредната седница.
Инаку, по усвојувањето на Нацрт-Буџетот, на граѓаните им беше овозможено во текот на двонеделната јавна расправа да ги дадат своите предлози и сугестии. За таа цел, на веб-страната на Општина Гевгелија беше поставена посебна платформа за граѓанско изјаснување, преку која се доставени 61 предлог. Од страна на Градоначалникот на општината беше организирана и посебно средба со претседателите на Месните заедници на која се расправаше за предложениот буџет. Дел од дадените предлози во јавната расправа се вградени во усвоениот Буџет на Општина Гевгелија во 2022 година, вели градоначалникот Сарамандов и нагласува дека 31% од Основниот буџет ќе бидат наменети за капитални расходи што ја потврдува неговата развојна компонента.