Продадени 11 градежни парцели минатата година
Општина Гевгелија и оваа година ќе продолжи со објавувањето
продажба на градежно земјиште за станбени и деловни објекти преку електронско јавно наддавање. Општина Гевгелија, минатата година, продаде 11 градежни парцели. Отуѓувањето на градежно земјиште е извршено согласно Деталните урбанистички планови за Блок 5.3 и 5.6 во населбата кај Касарна и Блок 9 (9.1 и 9.2) во населбата „Караорман“. Од 11 парцели, 10 парцелите се наменети за изградба на објекти А1- Домување во станбени куќи, а согласно Уредбата за висината на цената на државното градежно земјиште се со почетна цена на наддавање од 61 денар за метар квадратен. Исто така, на продажба беше понудена и 1 парцела во Блок 5.6 во Гевгелија наменета за изградба на објекти А2- домување во станбени згради, со почетна цена на наддавање од 2.570 денари за метар квадратен.
Од вкупно понудените на продажба 11 градежни парцели по пат на електронско јавно наддавање, отуѓени се сите градежни парцели на физички или правни лица. Притоа, најголем интерес на јавното наддавање имаше за градежните парцели за домување во станбени куќи, во станбената населба кај Касарната во Гевгелија, каде што за објавените парцели се пријавиле 23 понудувачи, од вкупно пријавените 40, а 39 прифатени. Токму и затоа, парцелите на електронското јавно наддавање достигнаа цена од 1.100 до 1.912 денари за метар квадратен. Додека, за градежните парцели на „Караорман“, во јавното наддавање се пријавиле 17 понудувачи, а постигната е цена од 730 до 2.230 денари. На јавното наддавање за градежната парцела во населбата кај Касарната, наменета за домување во станбени објекти, се пријавил само 1 понудувач, а е постигната цена во висина од 2.827 денари за метар квадратен.
Во текот на 2021 година, преку електронскиот систем на градежно земјиште поднесени се и 17 барања од физички и правни лица за отуѓување на државно градежно земјиште со непосредна спогодба. Поголем дел од барањата се однесувале за оформување на градежна парцела согласно Детален урбанистички план и за отуѓување градежно земјиште врз основа на донесено решение за утврдување на правен статус на бесправен објект. Согласно законските прописи, решени се 7 барања за оттуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба, а останатите 10 се во постапка.