Општина Гевгелија ќе стипендира пет талентирани студенти на медицина
Општина Гевгелија ќе додели стипендии на 5 талентирани студенти,
кои се запишани на Медицинските факултети - Општа медицина во земјата, во академската 2021/22 година, а кои се жители на општината. Оваа одлука ја донесе Советот на Општина Гевгелија на денешната седница, а по предлог на градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Висината на стипендијата ќе изнесува 6.000 денари месечно и тоа за 10 месеци во академската година.
Стипендиите ќе се доделуваат по пат на јавен конкурс што ќе го распише Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на Општина Гевгелија, која истовремено ќе одлучува врз основа на Правилник за условите, критериумите и правилата за доделување на стипендии. Средствата за петте стипендии за талентираните медицинари ќе бидат обезбедени од Општинскиот буџет, а стипендиите ќе се доделуваат согласно потпишаниот договор за стипендирање.