Советниците расправаа за финансиските извештаи на корисниците на буџетски средства
Советот на Општина Гевгелија на својата 5.седница,
одржана денес, расправаше за повеќе актуелни прашања, а беа донесени и неколку значајни одлуки. Советот на општината донесе одлука за стипендирање на 5 талентирани студенти од Општина Гевгелија на Медицинските факултети-Општа медицина во земјата во академската 2021/2022 година. Исто така, Советот донесе одлука за преземање на изградениот водоснабдителен систем во село Габрово од страна на Општина Гевгелија и давање на управување на ЈПКД "Комуналец"-Гевгелија. Советниците беа запознаени и со Годишниот извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во 2021 гoдина.
На денешната седница советниците расправаа и за годишните финансиски извештаји на корисниците на средства од буџетските програми. И тоа, Програмата за финансирање на програмите и проектите од областа на културата од интерес на општина Гевгелија за 2021 година, Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2021 годинa, Програмата за финансирање на проекти, манифестации и значајни настани на месните заедници во општина Гевгелија за 2021 година, како и Програмата за финансиска поддршка на НВО секторот од општина Гевгелија за организирање програмски активности во 2021 година. При усвојувањето на извештајите беше заклучено на корисниците на буџетски средства во минатата година, кои не доставиле финансиски извештај за реализираните проекти и активности, при утврдувањето на годинашните програми, да не им бидат прифатени доставените апликации.
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница донесе одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за блок 16 - Општина Гевгелија, плански период 2014-2024 година, а ја прифати и Иницијативата за изработка на Детален урбанистички план за дел од блок 15 (15.11) КО Гевгелија, општина Гевгелија. Извршена е и Техничка исправка за ГП 1.04, ГП 1.05, ГП 2.02, ГП 3.01, ГП 3.02, ГП 3.08, ГП 6.05, ГП 6.06, ГП 6.07, ГП 6.08, ГП 6.09, од Урбанистички план вон населено место за мултинаменски стопански комплекс на потег Гевгелија - граничен премин Богородица.
Советниците на денешната седница дадоа согласност на Програмата за работа на ЈПКД "Комуналец"-Гевгелија за 2022 година.