Подобри услуги за задоволни граѓани
- Со Програмата за работа на ЈПКД „Комуналец“, во 2022 година
ќе настојуваме да го подобриме работењето преку целосно искористување на капацитетите, максимално подигање на нивото на услугите, оптимален ангажман на вработените и опремата, како и намалување на трошоците при работењето. Со тоа ќе обезбедиме и остварување на нашето мото „Подобри услуги за задоволни граѓани“, истакна в.д. директорот на ЈПКД „Комуналец“, Раско Чочков, пред членовите на Советот на Општина Гевгелија, презентирајќи ја Програмата за работа на Комуналното претпријатие.
Притоа, ги посочи и главните приоритети во работењето, нагласувајќи дека во 2022 година ќе започне реализацијата на германскиот грант преку КФВ банката. Со доделените средства Негорци и Прдејци ќе бидат приклучени на централниот водоводен систем за водоснабдување од Гевгелија, а ќе биде реконструирана и водоводната мрежа до Богородица. Оваа година, Општина Богданци би требало да го преземе снабдувањето со вода на Стојаково и Селемли, кои досега ги снабдуваше ЈПКД „Комуналец“. Исто така, со грантот од КФВ банката предвидена е изградба на атмосферска канализација во јужниот дел од градот, на потегот од Динќут до Железничката станица, како и на три улици во северниот дел од градот.
- Во 2022 година, ќе започне со работа и новата Времена градска депонија што значи и затворање на старата депонија крај Вардар. Поради тоа се планира да се отпочне со примарна и секундарна селекција на отпадот со делење на бесплатни ќеси на домаќинствата и правните лица. Паралелно со селекцијата, ќе се бараат начини на продажба на селектираниот отпад, со што ќе се добијат дополнителни средства, со кои би се покриле трошоците за собирање на отпадот. Секундарната селекција би се вршела кај Пречистителната станица, каде што е планирана претоварна станица. Со тоа, 70% од отпадот ќе оди во Времената депонија, додека 30% ќе им се понуди на соодветни оператори за одредена надокнада, информираше Раско Чочков, нагласувајќи дека мембраната на долниот дел во новата Времена депонија, каде што ќе се депонира отпадот, е во одлична кондиција и покриена со речен чакал, како што е предвидено со проектот.