Издвоени 3.500.000 денари од Општинскиот буџет за помош на граѓаните од социјално-ранливите категории
Годинава, Општина Гевгелија воведува нови мерки од областа
на социјалната заштита и заштита на децата - ќе исплаќа додаток за домување на жители од општина Гевгелија и ќе обезбедува бесплатен третман на деца со проблеми во вербалната комуникација. Имено, во Програмата за активностите во областа на социјалната заштита и заштита на децата што денеска ја усвои Советот на Општина Гевгелија, покрај редовните мерки: еднократна парична помош за новородено дете, еднократна парична помош на жители на општина Гевгелија, партиципација во трошоците за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, доделување огревно дрво, субвенционирање на потрошувачката за вода за пиење, обезбедување превоз на лицата со попреченост од Гевгелија кои престојуваат во Дневниот центар- Гевгелија, изградба на пристапни рампи за инвалидизирани лица во Јавните општински установи, доделување социјални пакети по повод велигденските празници, стипендирање ученици и имплементација на проекти на Министерството за труд и социјална политика, годинава, Oпштина Гевгелија воведува две нови мерки. И тоа, додаток за домување на жители на општина Гевгелија и превентивни активности, едукација и третирање проблеми кај деца со проблеми во вербалната комуникација.
Активностите предвидени со оваа Програма ќе се реализираат со средства предвидени во Општинскиот буџет во вкупен износ од 3.500.000 денари. Тие се во насока на преземање мерки за надминување на социјалните проблеми кои неповолно се одразуваат врз добросостојбата на граѓаните во локалната заедница, особено, на најзагрозените и социјално-исклучени граѓани кои не се во можност да ги задоволат своите потреби.