Со целосната реконструкција на уличното осветлување, значително намалени трошоците за потрошена електрична енергија
По преземените мерки на Општина Гевгелија за целосна реконструкција
на уличното осветлување, намалени се трошоците за електрична енергија. Со замената на 3.500 натриумови светилки со лед-ламби на подрачјето на општина Гевгелија и воведените рестриктивни мерки- делумни ислучувања во мрежата во јавното осветлување на булевар „Гевгелија“ и улицата „Панче Пешев“, јануарската сметка за струја e значително намалена и изнесува 1.500.000 денари. Во однос на претходните месеци кога Општина Гевгелија плаќаше над 3.000.000 денари. Ваквите мерки беа дел од менаџментот на Општината за справување со енергетската криза, по новонастанатата ситуација кога локалната самоуправа премина на снабдување со електрична енергија во краен случај, а сметките за потрошена енергија беа значително повисоки.
- За месец јануари имаме намалување на сметката за улично осветлување за повеќе од 100 % во однос на предходните месеци откако целосно ги заменивме старите светилки со штедливи лед сијалици. Претходно, во месец септември снабдувачот на струја POWER, еднострано го раскина договорот и општина Гевгелија беше принудена да се снабдува со струја во краен случај од ЕВН Хоме. Како резултат на тоа, имавме зголемување на сметката за улично осветлување за 6 до 7 пати. Така, во септември износот на сметката изнесуваше 491.000 денари, а за октомври 2.900.000 денари. Заради настанатата ситуација, мораше брзо да се реагира, бидејќи поголем дел од Буџетот за 2022 год. на локалната самоуправа ќе требаше да биде потрошен за електрична енергија. Посетив неколку општини да се запознам како тие се справуваат со оваа ситуација, притоа, остваривме и средби со повеќе фирми кои работат со оваа проблематика пред да донесеме каква било одлука. Јануарската сметка за уличното осветлување во општина Гевгелија изнесува 1.350.000 ден., а веќе за февруари очекуваме намалување на истата под 1.000.000 ден. Заштедените пари ќе бидат искористени за нови инвестиции, а во иднина ќе продолжиме да работиме на подобрување, обновување и проширување на мрежата на јавно улично осветлување, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во неговата изјава за ТВ „Нова 12“.