Продолжена волонтерската акција за примена на заштитните мерки од КОВИД-19 во сите училишта
Волонтерската акција што ја организираше Општина Гевгелија,
во соработка со Општинската организација на Црвениот крст во Гевгелија, за примена на заштитните мерки од КОВИД-19 беше добро примена во гевгелиските училишта. Поради влошената епидемиолошка состојба во општината, на почетокот од второто полугодие Општина Гевгелија организираше акција за поголема заштита на учениците од КОВИД-19. Волонтерите на Клубот на младите на Општинската организација на Црвениот крст во Гевгелија на учениците во сите основни училишта и во СОУ „Јосиф Јосифовски“, покрај мерењето на телесната температура на учениците при доаѓањето на наставата, им помагаа во примената на заштитните мерки и со своето присуство придонесуваат за поголема заштита на учениците.
За таа цел, од страна на Општина Гевгелија и Црвен крст- Гевгелија беа изработени едукативни постери, кои беа поставени на училишните влезови, преку кои учениците се потсетуваат на заштитните мерки и на правилното движење и однесување во и надвор од училишните простории за заштита од КОВИД-19. Младите волонтери, кои беа прифатени од страна на учениците, всушност, им помагаа на учениците во примената на овие мерки, но, истовремено и ги едуцираа. Токму и затоа, волонтерската акција за помагање на учениците во примената на заштитните мерки во гевгелиските училишта продолжува. Се со цел учениците да се придржуваат кон протоколите за заштита од КОВИД-19 при изведување на настава со физичко присуство и на тој начин да го штитат своето здравје и здравјето на своите најблиски. Волонтерите на Црвениот крст нагласуваат дека при спроведувањето на акцијата не наидуваат на поголеми проблеми.