Наскоро, ТППЕ- Гевгелија ќе биде обезбедена со нова противпожарна опрема за гаснење шумски пожари
TППЕ- Гевгелија, наскоро, ќе добие нова противпожарна опрема
за гаснење шумски пожари. Компанијата „Форес ДООЕЛ“- Скопје, која даде најповолна понуда на тендерската постапка и склучи договор со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во текот на претстојниот период ќе ги обезбеди пожарникарите, меѓу кои и од ТППЕ- Гевгелија, со лична противпожарна опрема за гаснење шумски пожари.
Набавувањето опрема е дел од имплементација на проектот „Прекугранично справување со шумски пожари“ на Центарот за Југоисточен плански регион, во рамки на Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија- Р. Северна Македонија 201-2020 година. Покрај набавката на опрема, се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина, во која ќе учествуваат претставници на општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји, чија цел е да се создаде добра координација и структура за превенција и соодветен одговор на катастрофите со посебен акцент на шумските пожари. За дел од членовите на мрежата е предвидено спроведување на низа обуки (вкупно 6) од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи. Ќе се спроведе и информативна и медиумска кампања за промовирање на волонтерство и спречување на шумските пожари. Проектот е со вкупна вредност од 395.361 евра, а истиот ќе се имплементира 24 месеца.
Инаку, Центарот за Југоисточен плански регион, преку проектот „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акронин „Be In“), во рамките на Interreg- IPPA Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија 2014-2020 година, аплицираше за набавка на едно противпожарно возило за ТППЕ- Гевгелија, кој проект е прворангиран на утврдената листа.