Излезе од печат новиот број на „Гевгелиски магазин“
Излезе од печат најновиот број на
општинското гласило „Гевгелиски магазин“, кој донесува бројни интересни информации, актуелности и разговори за случувањата и настаните во општина Гевгелија. Насловна тема на магазинот е отчетот на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, за изминатите 100 дена од градоначалничкиот мандат, а се поместени и други актуелности за активностите во општина Гевгелија. Посебно, се најавува претстојниот инвестициски залет во општина Гевгелија, како и почетокот на реализацијата на повеќе капитални проекти, кои значително ќе ги подобрат условите за живот во општината.
„Гевгелиски магазин“ потсетува и на најинтересните настани и личности во изминатата 2021 година, а донесува и разговор со првиот гевгелиски урбанист, неодамна починатиот Владо Наков. Исто така, информира и за зголемениот број дијабетичари во општината, преку разговорот со докторите Андон Мандиќ и Златко Трајков, автори на научниот труд „Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во Општина Гевгелија“. Најновото издание на „Гевгелиски магазин“ донесува богат прилог за културата со пригодно одбележување на културното творештво на неодамна починатата гевгеличанка Слободанка Дуева. На страниците посветени за спортот, донесува разговор со Зафир Чучанов, претседател на КК „Кожув“, повеќе информации за активностите на младите и, воопшто, за настаните во општина Гевгелија.