Со компјутерски томограф опремена ЈЗУ Општа болница- Гевгелија
ЈЗУ Општа болница Гевгелија е опремена со
нов апарат за компјутерска томографија. Апаратот е набавен од Министерството за здравство, во вредност од 200.000 евра. Со помош на томографот, во Општата болница- Гевгелија ќе се дијагностицираат голем број состојби, претежно нефролошки заболувања, утврдување дијагноза на ‘рбетен стол, предхируршко дијагностицирање на зафат и сл. Овозможувајќи секундарна здравствена заштита со најнапредна технологија за граѓаните од Гевгелија, Богданци и Дојран, за чии општини е надлежна ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија. За неговото стационирање, претходниот месец, на Одделот за рендгенологија беше адаптирана специјална просторија, каде во иднина ќе се вршат КТ-скенирањата.
Пред ставањето во функција на апарот, од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност истакнаа дека специјалистите рендгенолози, како и радиолошките технолози ќе бидат испратени на едукација за правилна употреба во Институтот за радиологија во Скопје, како и испраќање на рендгенолозите на супспецијализација, за толкување на снимките добиени од компјутерската томографија.
Инаку, на овој апарат за компјутеризирана томографија ќе можат да се прават 128 пресеци или стручно кажано слајсови и да се скенираат главата, градниот кош, крвните садови, како и срцетото и абодминалните органи, со медицинска дијагностика на човековото тело по системи, рано откривање на одредена болест и брзо лекување на пациентите.