Општина Гевгелија ќе се вклучи во Кампањата на СОС Детско село за згрижување деца
На 17 јуни, 2022 година, во општина Гевгелија, ќе се спроведе
Кампања за подигање на свеста и информирање за значењето и бенефитите на Програмата за згрижување деца, согласно Стратегијата за деинстутионализација 2018-2027. Ова беше договорено на денешната средба на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов со м-р Александра Мојсова, специјалист за застапување и комуникации и д-р Жарко Трајков, проектен менаџер- претставници на СОС Детско село- Национална канцеларија во Република Северна Македонија, како и Васка Јанчев, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија и претставник од Одделението за социјална, здравствена, детска и други заштити, култура и спорт при Општина Гевгелија.
Целта на состанокот беше запознавање со целите на проектот „Право на семејство- Унапредување на системски недостатоци- Поддршка на реформите во системот на заштита на децата“ преку кој СОС Детско село ја организира кампањата и придобивките од нејзиното реализирање. Општина Гевгелија ќе биде една од 25 општини, домаќин на јавниот настан за спроведување на кампањата на СОС Детско село, со цел да се зголеми бројот на потенцијални згрижувачки семејства кои соодветно ќе одговорат на потребата од згрижување деца, како и достапни, квалитетни, социјални услуги за поддршка на децата и семејствата во ризик.