Одбележана Неделата на Црвениот крст
Во Гевгелија, во саботата, со пригодна свеченост
беше одбележана Неделата на Црвен крст на Република Северна Македонија и Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Во организација на Општинската организација на Црвениот крст, на платото пред споменикот на Сава Михајлов, се собраа голем број граѓани, членови и поддржувачи на Црвениот крст, одбележувајќи го настанот. На присутните им се обрати градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов:
- Ми претставува огромно задоволство и чест што сум дел од семејството на Црвен крст во Гевгелија. Ме радува кога гледам како младите се почесто се вклучуваат како волонтери и учествуваат во функционирањето на Црвен крст Гевгелија. Тоа е за пофалба. Упатувам честитки за прекрасниот настан кој беше организиран денес, а кој ги промовираше црвените бои и хуманиот дух во нашиот град, истакна Сарамандов.
- Предизвиците кои беа пред нас беа големи, заедно постигнавме многу, но и продолжуваме да постигнуваме. Со гордост можам да најавам 2 големи проекти, кампања за едукација на 25.000 ученици за значењето на првата помош како проект на Црвен крст на Република Македонија и проектот „И јас сум Црвен крст“ на Општинската организација на Црвен крст Гевгелија, со кој секое семејство од општината ќе има најмалку по еден наш волонтер, член или поддржувач, истакна во своето обраќање секретарот на ОО ЦК Гевгелија, Лазар Мешков.
Пригодната свеченост по повод Неделата на Црвениот крст и Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина беше збогатена со перформансот на Mystic dance, децата од ЈОУДГ „Детска радост“, бендот „3-та доза“, како и волонтерите од Клубот на млади при ОО ЦК Гевгелија.