Одбележани Патрониот празник и 70-годишниот јубилеј на СОУ „Јосиф Јосифовски“
СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија го одбележа
Патрониот празник и 70-годишнината од постоењето на гимназиското образование во овој регион. Со низа свечености учениците и вработените во училиштето го одбележаа јубилејот, кој несомнено потврдува дека гевгелиската гимназија е носител на образовните процеси во градот и регионот. Денес, на спомен-обележјето на патронот Јосиф Јосифовски, во дворот на СОУ „Јосиф Јосифовски“, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со дректорката Марија Танева, професорите и нивните гости од Инџија, Република Србија. Пригоден говор пред спомен-обележјето имаше професорот по историја Миле Смилков, кој го истакна животниот пат на Патронот, Јосиф Јосифовски. Градоначалникот Сарамандов на учениците, професорите и вработените во овој средноучилишен центар им го честита празникот и јубилејот, посакувајќи им натамошни успеси и успешно спроведување на воспитно-образовниот процес во оваа образовна институција.
Свечената прослава по повод Патрониот празник и јубилејот се одржа во Народниот театар во Гевгелија, пред голем број родители, професори, ученици и општински советници. Со пригодна програма подготвена од учениците и нивните професори-ментори беа изведени рецитации, свечени песни, ликовна изложба и музичка програма на македонски и странски популарни композиции. На почетокот од свеченоста, свое обраќање имаше директорката на училиштето, Марија Танева, која меѓу другото истакна:
- Нашиот училиштен центар од година во година го менува и подобрува својот облик, со првенствена цел да стане попријатна и пофункционална установа за реализирање на воспитно-образовната дејност и сите предвидени наставни програми. Во тек сме со иновативни методи, нови пристапи и следење на сите актуелни случувања кои можат да го усовршат и подобрат наставниот процес и на нашите професори и ученици да им понудат нови перспективи за стручен и индивидуален развој, во функција на современото општество. Се гордееме со нашите достигнувања, но во исто време се обидуваме и да пронајдеме начини за уште повеќе мотивација, уште посилна желба и поддршка да се постигне уште повеќе и да се стигне уште „подалеку. Времето во кое живееме, не соочува со многу предизвици. Видовме настани необични за нашето паметење, сите стоевме пред можноста да одговориме на потребите во околности кои го отежнуваа комплетно нашето секојдневие, нагласи Танева, порачувајќи: „Со радост да ги дочекуваме сите празници и секој нов ден нека ни е празник за да го славиме животот и секоја негова пројава“.
Првата неполна гимназија во Гевгелија е отворена во учебната 1945/1946 година, со решение на Советот за просвета, наука и култура при Владата на Република Македонија. На 7 јули 1952 година, таа прераснува во Полна (осумкласна) гимназија. За четири месеци, со доброволни акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани, изградена е новата гимназиска зграда во близина на Железничката станица. Свеченото предавање во употреба на оваа зграда се случи на 28 септември 1952 година со трети, петти и еден шести клас. Во гимназијата, плејада на просветни работници, воспитувачи и едукатори ги вложувале и ги вложуваат своите знаења за воспитување и афирмација на образовните вредности на младите генерации од општина Гевгелија. Многу од завршените ученици во Гимназијата „Јосиф Јосифовски“ денеска се значајни стручњаци, потврдени личности и афирмирани дејци. За време на своето школување. најнадарените ученици биле добитници на врвни државни и меѓународни натпревари, постигнувајќи резултати достојни за почит.