Гевгелија беше домаќин на отвореното Светско првенство во Меч покер
Гевгелија беше домаќин на петтото по ред
Светско првенство во Меч покер или Куп на нациите 2022. На овој шампионат учествуваа 14 репрезентации: од Естонија, Германија, Исланд, Индија, Израел, Италија, Казахстан, Литванија, Монголија, Сингапур, Швајцарија, Австрија и на Украина, а за првпат учествуваше и репрезентацијата на Македонија. Светското првенство започна со дефиле на сите учесници, чии капитени пред гевгелиската публиката, на свечената бина во центарот на Гевгелија, ги изнесоа своите очекувања од ова првенство.
Првенството беше отворено со свечена приредба, во присуство на голем број граѓани и гости, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Во име на општина Гевгелија, на гости им се обрати ликовната уметница, Мирјана Крстева Массетти, која им посака топло добредојде на сите учесници и гости во градот, кој со право се нарекува портата на Европа. Овој настан има големо значење за општината, особено за развојот на туризмот, кој се наоѓа меѓу приоритетите на локалната власт, нагласи таа.
Шампионатот го прогласи за отворен, претседателот на Светската покер федерација, Патрик Нили:
- Нелсон Мендела има кажано дека спортот може да го промени светот на подобро. Затоа нека ова првенство помине во духот на мирот и пријателството помеѓу сите 14 репрезентации- учеснички. Истовремено,тој се заблагодари за гостопримството на хотел- казино „Аполонија“ и на Општина Гевгелија.
На свечената приредба, која ја водеа познатата лото-девојка, Марјана Станојковска и спортскиот новина, Горан Милковски, имаше и богата музичка програма. Пред гевгеличани настапија браќата Раденови и Наталија Данаилова, фолклорните друштва „Мегдан“ од Богданци и „Бојмија“ од Гевгелија, кои го презентираа богатството на македонската фолклорна традиција. Додека, близнаците од „Некст тајм“ го затворија музичкиот дел на свеченоста со избор од своите најпопуларни песни.