Свечено одбележан празникот Св. Кирил и Методиј
Празникот на големите словенски сепросветители,
Св. Кирил и Методиј во Гевгелија беше одбележан со богата празнична програма, која започна со Акатист со петолебие кон Светите Кирил и Методиј. Во предвечерието на празникот, во дворот на црквата која го носи нивното име, на собраните граѓани им се обрати отец Русе Жековски, кој истакна дека Светите Кирил и Методиј се оние кои се заслужни што станавме Народ Сесловен, Народ Божји и Света Православна Црква Христова Македонска. Благодарение на нив, ние, рече отец Жековски, научивме да читаме и пишуваме, да се изразуваме духовно и интелектуално.
Професорката Жаклина Атанасова зборуваше за историјатот на црквата „Св. Кирил и Методиј“, која минатата година славеше 125-годишнина од своето постоење. Празничната програма ја збогатија градскиот мешан хор „Гортинија“, исполнувајќи духовни песни, како и „Распеани гевгеличани“ со дел од нивниот репертоар.
На 24 мај, продолжија свеченостите по повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј, светители што ги слави целиот културен свет во денешна Европа, но и пошироко. По Светата Златоустова Литургија, голем број на граѓани, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со свештеници од Гевгелиската епархија и уметниците од ансамблот „Македонија“ учествуваа во Литијата, која за првпат се одржува во Гевгелија. Во Литијата со кивот на моштите од четириесет светители, преподобни и маченици продефилираа низ центарот на градот и градскиот плоштад. Потоа сите заедно, во дворот на црквата, го проследија настапот на ансамблот „Македонија“.