Жан Митрев Клиник заинтересирана во Гевгелија да отвори подружница
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков оствари средба со познатиот кардиолог и академик д-р Жан Митрев
на која стана збор за условите и можностите за отворање на подружница на Жан Митрев Клиник во Гевгелија. Притоа, од страна на д-р Жан Митрев беше изнесена заинтересираноста на Жан Митрев Клиник за отворање на дијагностичка амбуланта во Гевгелија, како и за локациските и инфраструктурните услови за реализација на ваквата иницијатива. Истовремено, и за законската регулатива околу реализацијата на еден ваков проект.
Од страна на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков беше поздравена иницијативата и изразена подготвеност на општина Гевгелија за поддршка на реализацијата на еден ваков значаен проект. Пред се, за подобрување на квалитетот на здравствените услуги во општината, но и за развој на медицинскиот туризам во пограничен регион каков што е Гевгелија. Оттука и прифатената обврска од страна на општината, покрај обезбедувањето на локациски услови или простор, да бидат утврдени , во соработка со постојните здравствени установи, потребите на граѓаните на општина Гевгелија од соодветна здравствена услуга. Секако и за потребите на потенцијално можните пациенти од соседството имајќи предвид дека во Гевгелија секојдневни гости се граѓаните од соседна Грција.