Месните заедници директно учествуваат во креирањето на општинскиот буџет
Месните заедници во општина Гевгелија директно учествуваа во креирањето на Општинскиот буџет за 2019 година.
На вчерашната повторна средба со градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, претседателите на месните заедници ги изнесоа конкретните барања од граѓаните на месните заедници. Така, месната заедница од Конско побара асфалтирање на влезот во населбата, од Давидово регулација на реката, Богородица асфалтирање на улици, Моин санација на мостот...Исто така, беа изнесени и други барања за решавање на одделни селски проблеми и потреби на граѓаните.
На средбата градоначалникот Сашо Поцков потенцираше дека сите изнесени барања, кои се надлежност на општината и можат да влезат во програмите за комунално уредување и за локални патишта и улици ќе бидат вградени во буџетските програми. Што се однесува пак до другите барања, како што е, на пример, проширувањето на регионалниот пат Моин-Ново Конско, општината ќе се обрати до надлежните државни органи и институции. Претседателите на месните заедници, исто така, беа информирани дека покрај веќе изградените канализациони системи во неколку населби, изработени се проекти за нови канализациони системи, кои се предвидени за реализација во општинскиот буџет, како што е случајот со Смоквица. Истовремено, е побарано од надлежните служби да бидат изработени канализациони системи за сите населени места каде што не постојат.