Објавен Јавниот повик на Општина Гевгелија за доделување субвенции за набавка на велосипед
Согласно донесената Одлука на Советот на Општина Гевгелија
за субвенционирање на граѓаните од општина Гевгелија за купување велосипед, Општина Гевгелија објави Јавен повик. Аплицирањето започнува од 20 јуни, 2022 година и ќе трае се до исцрпувањето на предвидените средства во висина од 500.000 денари од Општинскиот буџет за таа намена или на 100 апликанти по 5.000 денари. На Јавниот повик можат да аплицираат граѓаните од општина Гевгелија кои се полнолетни, имаат платен данок на имот за станбениот објект во кој живее и во домаќинството да нема друг член кој веќе аплицирал за ваков вид субвенција. Вработените во општинската администрација и членовите на Советот на Општина Гевгелија, како и членовите на нивното потесно семејство (родител, брачен другар, деца) немаат право на учество на Jавниот повик за доделување на субвенции за набавка на велосипед. За аплицирање, потребни се следниве документи: копија од важечка лична карта или важечка патна исправа, копија од трансакциска сметка, пополнета изјава за давање согласност за користење на лични податоци (треба да се обезбеди на пултот на влезот во зградата на Општина Гевгелија или во електронска форма- види линк подолу), потврда издадена од Одделението за локални даноци и такси во Гевгелија (со наплатена административна такса од 100 денари) за платен данок на имот на станбениот објект во кој живее апликантот според важечката лична карта (заклучно со 2021 година) и доказ- приложена фискална сметка дека велосипедот е купен од трговци кои дејноста ја извршуваат на подрачјето на општина Гевгелија (сметајќи од 1 јуни, 2022 година како прв ден за набавка на велосипедот).
Потребната документација треба да се достави во затворен коверт со назнака: „За Јавниот повик за субвенционирање за купување велосипеди во општина Гевгелија за 2022 година“, во просториите каде е сместена Фондацијата за локален економски развој и развој на информатички технологии- Гевгелија (Стар Пионерски дом, ул. „Маршал Тито“ бр. 60, Гевгелија).
Висината на субвенцијата изнесува 5.000 денари на граѓанин, а доделувањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“. Постапката за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Гевгелија за купување велосипеди во 2022 година ќе биде спроведена од страна на Комисија, формирана од Градоначалникот на општина Гевгелија.