Во Гевгелија, на регионално ниво презентиран Проектот на МТСП за подобрување на социјални услуги
Денеска, во Гевгелија, во организација на
Министерството за труд и социјална политика, на регионално ниво беше презентиран Вториот повик за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво, во рамки на Проектот за подобрување на социјални услуги. На настанот, покрај присуството на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и претставници на Проектот за подобрување на социјални услуги, присуствуваа и претставници на Општините од Југоисточниот регион, НВО и граѓанскиот сектор од Југоисточниот регион, како и други засегнати страни и локални медиуми.
Пред почетокот на презентацијата, се обрати градоначалникот Сарамандов, кој го истакна своето задоволство што токму Гевгелија е домаќин на презентирачкиот настан.
- Социјалните услуги се дел од јавните услуги преку кои се јакне заедницата, а промовираат еднаквост и пружат еднаква шанса на сите граѓани. Во чие делување, освен надлежните институции, важна улога има и граѓанскиот сектор во унапредувањето на квалитетот на животот, согласно специфичните потреби на граѓаните.
Нашата заложба, како локална самоуправа, во процесот на децентрализација, е вклучување на сите чинители и користење на сите адути за проширување и унапредување на мрежата на социјални услуги, од кои бенефит ќе имаат и давателот на услугата и крајниот корисник, истакна Сарамандов.
Во врска со начинот, критериумите и подготовката на потребната документација и рокот за аплицирање, уследи детална презентација за повикот и проектот од страна на Ѓургица Гавриловски, беа споделени резултатите од Првиот повик, а по презентацијата беше отворена дискусија за засегнатите страни. Досега, преку првиот јавен повик за доделување грантови се реализираа 22 проекти во 27 општини. Од нив, 16 се за помош на нега во домот, три се Дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во Дневен центар и рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатени се повеќе од 546 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти, се од социјално ранливи категории кои претходно поминале стручни обуки.
Целта на презентациите што во текот на оваа седмица ќе се одржат во сите осум плански региони во државата, е општините и организациите да се мотивираат да аплицираат на повикот и да предложат што поквалитетни проекти за социјални услуги на локално ниво. Општините ќе бидат носители на идните проекти за социјални услуги во своите средини, заедно со локални граѓански и невладини организации како даватели на услугите.