Дигитален кардиограф за Општата болница- Гевгелија, донација од Фондација „Аполонија“- Гевгелија
Фондацијата „Аполонија“- Гевгелија, денеска, во
Општата болница со проширена дејност- Гевгелија донираше современ дигитален кардиограф. На примопредавањето, покрај директорот и сопственикот на хотел-казиното „Аполонија“- Гевгелија, Зорица Маркова, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој упати благодарност за покажаната општествена одговорност и придонесот во подобрувањето на здравствените услуги во Општата болница- Гевгелија.
Директорот на Фондацијата, Аце Ристовски, на примопредавањето истакна дека „Аполонија“ како општествено-одговорна компанија дава свој придонес и поддршка во сите сфери на општествено-економското живеење, во здравството, образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на животната средина. Водејќи се под мотото на Владимир Ралев со потекло од Гевгелија дека таму каде една компанија создава профит, таа има морална обврска да помага на локалната заедница.
Својата благодарност за донацијата ја истакна и директорот на Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р Митко Крџев, кој нагласи дека овој современ електрокардиограф (ЕКГ апарат) ќе придонесе во дијагностицирањето на кардиолошки заболувања.