Македонската селекција М-18, победник на Меморијалниот меѓународен турнир во кошарка „Боби Петковски“
Македонската младинска селекција, М-18, е победник
на првиот Меморијален меѓународен турнир во кошарка што Општина Гевгелија, Кошаркарската федерација на Македонија и КК „Кожув“ го организираа во чест на Боби Петковски. На Меморијалниот турнир во Гевгелија, учествуваа машки репрезентации на Македонија, Бугарија, Грција и Црна Гора.
Во борбата за прво место, македонските младинци во вториот меч од првото коло ја совладаа селекцијата на Грција со резултат 64:61. На натпреварот од второто коло, бугарските младинци изгубија од нашата селекција со разлика од 73:76, за на последниот натпревар со Црна Гора да издвојат уште една победа со резултат 65:57, освојувајќи го првото место на Меморијалниот меѓународен турнир „Боби Петковски“.
МВП- наградата (најкорисен играч) му припадна на Теодор Симиќ, член и капитен на нашата јуниорска селекција, кој на трите одиграни натпревари постигна вкупно 49 поена.
По Меморијалниот меѓународен натпревар во кошарка, посветен на прерано починатиот Боби Петковски, тренер на младинските категории на гевгелискиот КК „Кожув“, македонската јуниорска репрезентација ќе учествува на Европското првенство во Измир, кое почнува на 30 јули.