Заменети сите 3.500 натриумови со штедливи сијалици
Минатата година, поради новонастанатата ситуација
со енергетската криза, Општина Гевгелија презеде навремени мерки за намалување на трошоците за електрична енергија. Притоа, водејќи сметка за eфикасноста на осветлувањето во јавната улична мрежа. За таа цел, беа заменети сите 3.500 натриумови сијалици од 70W со нови лед-сијалици од 18W, кои заменуваат сијалица со моќност од 125W. На тој начин потрочувачката на електрична енергија е намалена и се заштедени значајни средства. Инаку, одржувањето на уличното осветлување се спроведува редовно и континуирано на подрачјето на целата општина, како во градот, така и во сите населени места во општината, вклучувајќи ги и планиските туристички места: Конско, Хума, Серменин и Смрдлива Вода. Со ваквиот начин на работење, ефикасноста во уличното осветлување е значително зголемена. Истовремено, мрежата на јавното улично осветлување во целата општина е во добра состојба, а се врши и проширување на уличната мрежа на улици кои досега немаа осветлување.
Одделението за комунални работи и локални патишта на општина Гевгелија ја следи состојбата со уличното осветлување и навремено презема мерки за подобрување на состојбата, како во градот, така и во населените места во општината. Контролата на уличото осветлување се врши двапати неделно и по констатирана состојба се врши замена на прегорените сијалици. Исто така, се постапува и по поединечни барања на граѓаните, кои се обраќаат преку Систем 48 или своите барања писмено или усно ги доставуваат до општинската администрација. Покрај редовното сервисирање, се поставуваат нови ормари за улично осветлување со целосна апаратура надвор од трафостаниците. Со тоа се овозможува побргу да се интервенира при дефектите, веднаш по добиената пријава без асистенција на екипата на ЕВН. Поставени се нови лед-рефлектори на училишните игралишта и на игралиштето во кругот на поранешната Касарна.
Ваквата информација уследи на денешната 12 седница на Советот на Општина Гевгелија.