Интервентно решавање на водоснабдувањето во Негорци
Поради проблемите во водоснабдувањето со кои се соочуваат
жителите на населеното место Негорци во летната сезона, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија изведе реконструкција на доводната линија од капажа „Лешки“. Со цел, жителите во горниот дел од населеното место да добијат дополнителни количини вода за пиење од изворите на реката Кованец и да се реши долгогодишниот проблем со прекинатото водоснабдување, особено, во летниот период.
Како што истакна ЈПКД „Комуналец“, во последните неколку недели во Негорци заменети се 60 водомери кај домаќинствата, најавувајќи дека акцијата за замена на водомерите ќе продолжи и во наредниот период. Службите на ЈПКД „Комуналец“ при акцијата откриле 3 диви приклучоци со несоодветни димензии и несоодветна намена, како што стои во известувањето заради наводнување на земјоделски површини, кои дополнително го оптеретуваа недостатокот на вода за пиење.
Покрај замената на водомерите, во наредните десеттина дена, од Јавното комунално претпријатие најавија дека со реализацијата на германскиот грант од КФВ-банката Негорци ќе биде приклучен на градскиот водовод.