На 13 седница, Советот донесе одлуки за издвојување средства од Буџетот на Општина Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија на денешната 13 седница
го прифати барањето на угостителските работници за продолжување на работното време на угостителските објекти за два часа, на 27 август, 2022 година, заради одржување на манифестацијата „Бела ноќ“. Имено, оваа традиционална манифестација ќе се одржи во предвечерето на православниот празник Голема Богородица, поради што угостителите побараа од Општина Гевгелија да биде продолжено работното време на угостителските објекти. Покрај оваа точка, дневниот ред на седницата беше дополнет уште со две точки, Предлог-Одлуки за издвојување средства од Буџетот на Општина Гевгелија.
По предлог на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија и советничката група на СДСМ и коалицијата, Советот на Општина Гевгелија одлучи од Буџетот на Општина Гевгелија да бидат издвоени 500.000 денари за набавка на нов гинеколошки 3Д/4Д ехо-апарат на Одделот на гинекологија и акушерство во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија.
Исто така, на 13 седница, Советот го прифати предлогот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на граѓанин од општина Гевгелија да му се исплати финансиска помош за медицински третман во странство од Буџетот на Општина Гевгелија, во висина од 300.000 денари.