Спортска инвазија во општина Гевгелија
Изминативе денови, во Гевгелија се одржаа неколку
спортски настани. По иницијатива на семејството Попови, а во соработка со Шаховскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, во Негорските Бањи се одржа првиот Меѓународен турнир во брзопотезен шах „Венци Попов 2022 година“, со што беше одбележан 9-годишниот спомен од прераната смрт на гевгелискиот и македонски шахист. За отворен турнирот го прогласија Катерина Попова, сопругата на Венци; Пепи Танчев, претседателот на ШК „7 Ноември“ и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
На Турнирот учествуваа 85 шахисти од: Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Иран кои шаховските партии ги одиграа по швајцарски систем, во 13 кола, по пет минути во партија. Победник на овој турнир беше Филип Анчевски, кој ја освои првата награда со 12 поени од 13 партии, додека второ место беше Тони Лазаров, а трето Звонко Станојковски. Најдобро пласиран гевгелиски шахист беше Тодор Андонов, кој се позиционираше на 21 место. Покрај возрасните членови на АК „7 Ноември“- Гевгелија, на Турнирот учествуваа и најмалите членови, Лана Трајкова и Кристијан Кавазов.
- Прекрасната организација со учество на голем број велемајстори нека биде мотив овој шаховски турнир во иднина да стане традиционален, истакна градоначалникот Сарамандов.
Во спортската сала „26 Април“, во организација на ОО Црвен крст- Гевгелија и волонтерите од Клубот на млади, беше одржан Хуманитарен натпревар во пинг-понг, на кој учествуваа 25 играчи. Како што истакна ОО Црвен крст- Гевгелија, со организацијата на ваквиот турнир, покрај спортско-забавната, е исполнета и хуманитарната цел- собраните средства од Турнинот ќе бидат наменети за купување училиштен прибор на децата од социјално-ранливите семејства.
Со проследувањето на натпреварите, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ја истакна својата поддршка за организираниот спортски настан и неговата заложба за формирање тренинг-клуб за пинг-понг и развој на овој спорт во општина Гевгелија.
„Баламов компани“ од Негорци е победничката фудбалска екипа на „КМФ“ турнирот во мал фудбал, во Миравци. Со победата на „Баламов компани“ во играта на пенали со „Црна Река“ по нерешениот натрпревар, со резултат од 3:3, заврши одржувањето на годинашниот турнир, кој свечено беше затворен со доделувањето на пехарите и признанијата на најдобрите фудбалски екипи во јуниорски и сениорски категории. На доделувањето на наградите, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Имено, во категоријата сениори, второто место го освои екипата на „Црна Река“- Возарци, а третото место „Алупласт Васил“- Јосифово. Со титула најдобар стрелец се здоби Антонио Јанев, а со најдобар голман Крсте Плачков, играчи на екипата „Црна Река“. Додека, во категоријата јуниори- генерации, првото место им припадна на „Џокер“- Фурка, Gala bau Roko Hamm и екипата на Кафе- бар „Инфинити“- Валандово, а вторите места ги освоија екипите на „Ташков метал“- Негорци, „Мартин транс“- Миравци и Месарница „Купанов“- Прдејци.