Уште едно ново мултифункционално игралиште во Гевгелија
Гевгелија доби уште едно ново мултифункционално игралиште
за фудбал, кошарка и ракомет. Имено, со свеченото предавање во употреба, денеска, беше одбележано завршувањето на реконструкцијата на старото ракометно игралиште кај ДТВ „Партизан“. Целиот зафат беше извршен во рамките на проектот „Играј со Шампионите“ на Државната видеолотарија на Македонија и средства од Општинскиот буџет. Реконструкцијата опфати уредување на теренот со тартан гумена подлога, голови, кошеви и нова ограда, за што од страна на донаторот беа вложени над 3.000.000 денари, додека за асфалтирање на старата подлога и подготвителните работи Општина Гевгелија издвои околу 1.200.000 денари.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го предаде во употреба новото мултифункционално игралиште, кое се наоѓа во срцето на градот.
- Голема е честа за мене како Градоначалник, денес, да означам нов почеток на една стара гевгелиска приказна. Ова игралиште на ДТВ „Партизан“ буди многу спомени кај гевгеличани, познато како старото ракометно игралиште, каде се одиграни многу ракометни и кошаркарски натпревари. Како локална самоуправа, која и во иднина ќе инвестира во спортската инфраструктура, вложивме големи напори за обезбедување на сите предуслови за реконструкцијата на игралиштето, рече Сарамандов, изразувајќи ја својата благодарност до Државната видеолотарија на Македонија за нивната иницијатива и донација. Исто така, ја потенцираше и можноста за продолжување на соработката со Општина Гевгелија, од која би произлегле и други заеднички проекти од значење на граѓаните од општина Гевгелија.
Присутните ги поздрави и Игор Стефановски- Иџе, кој со години е дел од тимот на Видеолотарија „Казинос Австрија“ во улога на бренд-амбасадор, додека честа први да одиграат мини-натпревар во мал фудбал на новото мултифункционално игралиште, им припадна на најмалите членови на ФК „Кожуф“.